YORDAN KOSTOV ENSEMBLE
Yordan Kostov – хармоника, лидер
Yaping Wang - yangqin
Kliment Todorovski - виолина
Andreas Gunter – тенор-саксофон, флејта, клавијатура
Kiril Kuzmanov – алт-саксофон, флејта
Sashko Temelkovski – бас-кларинет
Blagojche Tomevski – бас-кларинет
Petar Hristov – кларинет, тенор-саксофон, лира
Aleksandar Ninich – туба
Stefana Markovich – флејта
Agni Avshar – вокал
Filip Bukrshliev – електрична гитара
Andrea Mircheska – контрабас, електричен бас
Stephan Karastojanov – контрабас
Damjan Grujo – тапани
Dragan Teodosiev – тапани
www.yordankostov.com
Јордан Костов е македонски музички уметник, хармоникаш, пијанист, композитор, импровизатор, аранжер и продуцент. Тој ѝ припаѓа на генерацијата млади македонски уметници кои поодамна имаат раскрстено со предрасудите и кои го имаат надминато стравот од нормална творечка комуникација со глобалниот свет, создавајќи свој, сопствен, уникатен музички израз што упорно им пркоси на сите форми на комерцијалната музика. Слободна по својата суштина, авангардната музика на овој сестран композитор и инструменталист плови во водите на џезот и музиката на светот, едновремено апсорбирајќи ги влијанијата од класичното творештвото и одржувајќи врска со македонската музичка традиција и нејзините егзотични скали и ритмови. Како плоден композитор и поткован инструменталист (класично образование), тој од родното Кавадарци, преку работата со бројни македонски музички колективи („Ансамбл модерна“, „Свирци из Кавадарци“ и „Старовски“), во 2013 година беше поканет да земе учество во реномираниот проект “Swatch Art Peace Hotel”, швајцарско-кинеска програма за иницијатива во културата и уметноста. За таа намена Костов напиша комплетно нова музика која во ноември истата година беше изведена со Оркестарот на традиционални инструменти во Шангај. Оттогаш започнува неговата номадска музичка авантура во новото опкружување којашто трае до денес и која спорадично е прекинувана со кратките негови престои во родната Македонија. Настапот на Yordan Kostov Ensemble на Скопскиот џез фестивал претставува концертна промоција на албумот „Intertwining a Fugue”, најновото издание на SJF Records.

L.U.M.E.
Marco Barroso – композитор, лидер, пијано
Manuel Luís Cochofel - флејта
Paulo Gaspar – сопран-кларинет
João Pedro Silva – сопран-саксофон
Tomás Marques – алт-саксофон
Mateja Dolsak – тенор-саксофон
Gabriela Figueiredo – баритон-саксофон
João Silva, Ricardo Carvalho, Gileno Santana - труби
Rúben da Luz, Eduardo Lála, Mário Vicente – тромбони
Miguel Amado – бас-гитара
Vicky Marques – тапани
https://www.aosuldomundo.pt/lume
L.U.M.E. (Lisbon Underground Music Ensemble), формиран и предводен од Марко Баросо, е бенд составен од 15 џез и класични музичари којшто гравитира помеѓу афинитетите кон класичниот модел на биг-бенд и неговите реинтерпретации или провокации. Во рамките на честопати ироничната драматизација на практиките и вокабуларот на џез, рок или класичната музика, и продорот во експерименталните сфери, музиката на Марко Баросо и L.U.M.E. го трансформираат наследството на биг-бендовите, ослободувајќи ја од нејзините конвенционални модели и отворајќи нови естетски перспективи - своевиден калеидоскоп со широки хоризонти, во континуирана „што ако?“ перспектива. Родени во 2006 година, L.U.M.E го издадоа својот прв истоимен албум во 2010 година, што доживеа и второ издание во 2013 година. Нивниот втор албум, „Xabregas 10“, во светот беше оценет како едно од најоригиналните и најхрабрите музички дела во последните години. Третиот албум на L.U.M.E., „Las Californias”, којшто официјално излегува овој октомври, го прикажува креативното вибрирање на ансамблот што поврзува 15 музичари со иста визија: потрага по неочекувани и непредвидливи патеки, во постојана тензија меѓу композицијата и импровизацијата. Прикажувајќи различни состојби на умот, музиката на „Las Californias” креира фантастичен пејзаж од спомени и изгубени соништа што лебдат над урнатините на една замислена реалност. Проект којшто се движи по неизвесната патека од нивните претходни албуми, градена сè додека секоја композиција не заврши како студиска снимка.