WADADA LEO SMITH and SYLVIE COURVOISIER DUO
Трубачот и композитор Вадада Лио Смит и пијанистката Силви Курвоазје соработуваат со години, а таа учествува во повеќе состави на Смит. Од друга страна, тој е дел од нејзиниот секстет од кој произлезе и електричниот албум “Chimaera” од 2023. Вадада и Курвоазје ги здружија силите и на неколку одлични концерти во дует, проект којшто продолжува со своите истражувања на европска турнеја и се случува непосредно по нивниот прв заеднички албум “Angel falls” за Intakt. Меѓу првите кои ќе го чујат свежиот материјал е скопската публика. Ова е инаку последната европска турнеја на култниот и неуморен Вадада Лио Смит, кој годинава полни 84 години и се смета за најкреативниот жив американски музичар. „Еден од најмоќните раскажувачи во историјата на САД и наследник на американските хроничари како Чарлс Ајвс и Орнет Колман“, стои во критиката на The New York Review of Books за албумот “Ten Freedom Summers”. Родум од Швајцарија и со седиште во Бруклин, Курвоазје, која Њујорк Тајмс ја нарече „пијанистка со еднаква доза на дрскост и смиреност“ во последните години станува сè посилна. Тука се реинтерпретациите на Стравински, големите турнеи со нејзиното реномирано трио, соло настапите, како и соработката со Мери Халворсон. “Angel Falls” и концертите кои ќе следат ветуваат да бидат заеднички двигател за Курвоазје и Вадада, чија хемија искри со редок поетски пламен, оценува угледниот музички новинар Бредли Бамбаргер.
JAMES BRANDON LEWIS QUARTET
Џејмс Брендон Луис е на самиот врв на светската џез сцена. Низ моќниот звук на неговиот тенор саксофон и лиричниот квалитет, тој создава сензација – највидливо преку неговиот квартет. 42-годишниот Џејмс Брендон Луис со години е високо оценуван од критиката и во континуитет го доградува својот углед на музичар кој со неверојатен интензитет покрива повеќе проекти одеднаш. Дали е тоа групата The Messthetics, неговиот Jesup Wagon Band или Red Lily Quintet, Луис едноставно не запира. Во Скопје пристига со квартетот со кој што неодамна го издаде “Abstraction is deliverance” за Intakt. Ова е негов петти албум во ваков состав. Овие извонредни музичари, секој со свој засебен карактер, звучат современо, но длабоко вкоренети во спиритуалната и импровизаторска суштина на џезот. Луис на ова издание неодоливо ги наговестува влијанијата и почитта кон титаните на инструментот, Џон Колтрејн и Сони Ролинс. Но, овој квартет не го имитира минатото. Туку го користи за да го осветли својот пат, притоа не штедејќи ниту на интелект ниту на емоција. Не случајно Њујорк тајмс го опиша Џејмс Брендон Луис како „саксофонист кој што ја отелотворува и ја пречекорува традицијата“. Оваа година критичарите на Downbeat го прогласија Џејмс Брендон Луис за музичар на годината и тенор саксофонист на годината.