Заедно со нобеловците Елфриде Јелинек и Петер Хандке, Франц Ксавер Крец е жив класик на германското говорно подрачје, а со Бертолт Брехт — и најизведуваниот германски драмски писател. Крец е комплексна авторска личност: драмски писател, поет, сценарист, актер и режисер. Автор кој ги познава животите на пролетеријатот, работниците, т. н. „мали луѓе“, понижените и навредените, кои системот ги експлоатира на различни начини. Тие луѓе се жртви на системот во кој живеат. Според зборовите на Крец: „Капитализмот и демократијата се, всушност, меѓусебно исклучиви. Капитализмот е догматска и тоталитарна идеологија.“ На забелешките дека неговите драми се премногу екстремни за да бидат реалистични, Крец одговорил: „Токму спротивното. Реалноста е толку изопачена во својата немилосрдност што јас, како поет, останувам без зборови. Повеќе не може да се надмине стварноста. Најсуровите Шекспирови драми делуваат бледо кога ќе ги слушнете луѓето трауматизирани од војна. Јас сум љубител на екстремите. Колку поуспешно претерувам, толку е поголема веројатноста во тоа да има вистина.“
Драмата „Страв и надеж во Германија“, Крец ја напишал во 1984 година. Нејзиниот првичен наслов бил „Страв и надеж во ДР Германија“. „Страв и надеж“ е далеку од формата на добро скроена драма. Напротив, таа е еруптивен, инвентивен, имагинативен, провокативен и оригинален мозаик составен од 19 мини-драми — сцени, приказни. Не ми е познато дека некаде е изведена во континуитет со сите 19 сцени. Драмата првпат ја прочитав пред речиси две децении, кога ја преведе прочуената актерка Рената Улмански — поточно, кога преведе дел од тие 19 сцени. Адаптацијата што ја направив вклучува 15 слики, од кои некои се прекомпонирани, скратени, поставени во изменет контекст, со променет пол на ликовите и нивните професии, а некои сцени се драматуршки недопрени. Адаптацијата претставува личен дијалог со авторот, како и сонговите што ги пишував инспирирана од Х. Мухика, Н. Чомски, Х. Милер и животот во 21. век.
Претставата е сместена во 21. век, а не во 1984 година во Германија. Поточно, таа се случува денес — а тоа „денес“ е Орвеловата „1984“, која Крец со својот хиперреализам прецизно ја насетил и драмски ја оживеал. Ова е време на војни, геноцид, понижување на хуманистичките идеи — време на жива кал на цивилизација што се враќа во варварство, во најсофистицираната епоха на технофеудализмот. Во дневникот што го водел додека ја создавал драмата, запишал дека сите ликови ги гледа како стојат на работ и се подготвуваат да полетаат. Каде? Во небото или во бездната? Ликовите се фатени во кулминации, во точки на пукање, во моменти кога не можат да се справат со товарот на животот: губење работа, егзистенцијална несигурност и принуда, осаменост. Тие ситуации се жанровски разновидни — и хумористични и трагични. Јавното и приватното се преплетуваат. Политичката, економската и системската димензија продира во најинтимните пори на човековото постоење — во брачните и интимните односи. Дејството на драмата се одвива од Божиќ до Велигден, со епилог и претставува крик на надеж, страв и бес: како да се замисли иднината во свет во кој капитализмот ја нагризува самата човекова суштина и достоинство. Преку смеа? Преку иронија? Преку песна? Преку свест за другиот? Преку бунт? Преку театар — додека сè уште постои.
Татјана Мандиќ Ригонат