info@karti.com.mk

VLATKO STEFANOVSKI / THEODOSII SPASSOV CHICUELO / MEZQUIDA

октомври

14

1000 мкд

20:00

Национална Опера и Балет

Скопје Џез Фестивал

 

VLATKO STEFANOVSKI / THEODOSII SPASSOV (С. Македонија/Бугарија)

Влатко Стефановски е еден од најоригиналните балкански и европски гитаристи. Во изминативе  пет децении, со ЛЕБ И СОЛ сними 14 албуми и свиреше насекаде во светот, а групата имаше ореол на една од најзначајните на музичката сцена на поранешна Југославија. Од средината на деведесеттите изгради и успешна солистичка кариера. Соработката со Мирослав Тадиќ на проектите како „Крушево”, „Трета мајка“… фрли нова светлина врз неговата умешност со акустичната гитара и посебно врз натамошните потраги на полето на македонската традиционална музика. Во изминатава декада свиреше, снимаше и патуваше по светот со музичари како Томи Емануел, Стокело Росенберг, Јан Акерман, Ману Каче, Тони Левин, Бојан З. и други. Бугарскиот виртуоз Теодосиј Спасов е првиот кој свири џез на кавал и ја вкрстува традиционалната народна музика со елементи на џез и класична музика во своите композиции. Тој изгради сопствен уникатен стил на изведба, а неговите перформанси се несекојдневна синтеза на фолклор, џез и класична музика. Има снимено 38 албуми и реализирано бројни светски турнеи и соработки со имиња како Трилок Гурту, Раби Абу Калил, Глен Велез, Дејв Либман, Били Кобам и други. Соработката на Стефановски и Спасов започна на проектот Balkan Fever, по што снимија неколку заеднички плочи, а на Скопскиот џез фестивал се повторно заедно по настапот во 2013-та со Македонската филхармонија и диригентот Кристијан Јарви.

CHICUELO / MARCO MEZQUIDA (Шпанија)

Хуан Гомез „Чикуело“ е еден од најистакнатите гитаристи на фламенко сцената и еден од најинтересните и најплодните автори од поновите генерации. Тој се смета за водечки иноватор на фламенко гитарата во моментов, следејќи ги стапките на легендарниот Пако де Лусија. Неговиот талент како композитор и текстописец беше награден со престижната награда „Гоја“. Денес „Чикуело“ е редовен гитарист на најдобрите живи фламенко пејачи, како што се Мигел Поведа и Дукенде, со кои настапува на нивните турнеи низ Европа, Јапонија и САД. „Вундеркинд, магионичар, комплетен музичар... и многу повеќе од тоа“ се вели за Марко Мезкида. Со само триесет години, повеќе од јасно е дека за него допрва ќе се зборува. Тој е подеднакво блескав како композитор, пијанист, импровизатор, придружен музичар и лидер на бенд. Како еклектичен и сестран музичар на врвот на својата креативна моќ, со леснотија докажува дека изворот на неговата инспирација како да е непресушен. Тој веќе има снимено повеќе од четириесет албуми, од кои десет како водач на бенд и композитор. Списокот на артисти со кои Мезкида делел сцена, проект или студио е бесконечен. “No hay dos sin tres” (2019), неговиот последен албум со гитаристот „Чикуело“, гради нови мостови меѓу нив и нивните минати искуства, но истовремено антиципира следна соработка, именувајќи ја воедно радоста на оваа соработка на тројцата, вклучувајќи го перкусионистот Пако де Моде.