TANIA GIANNOULI TRIO
Tania Giannouli – пијано
Andreas Polyzogopoulos –труба
Kyriakos Tapakis – ут
www.taniagiannouli.eu/
Грчката пијанистка, композиторка и импровизаторка Тања Џанули го истражува џезот како најкреативна музичка форма, редовно користејќи импровизација во својата пракса. Инспирирана е од многу различни традиции и влијанија, а нејзината музика и интердисциплинарни проекти опфаќаат импресивен опсег на стилови - инвентивен и нелимитиран амалгам на денешната глобална реалност. Нејзиниот „отворен музички јазик“, што им пркоси на жанровите, често се опишува како лирски, инспиративен, комплексен, еклектичен, опоен и исклучително оригинален. Имагинативната, љубопитна и истражувачка музичка природа на Џанули резултираше со четири уникатни албумски соработки: „Forest Stories“ (2012, со португалски дувач, Пауло Шагас), „Transcendence“ (2015, композиции за нејзиниот Tania Giannouli Ensemble), „Rewa“ (2018, целосно импровизирана колаборација со традиционалниот Маори инструменталист Роб Торн) и „In Fading Light“ (2020, неочекувано трио со трубачот Андреас Полизогопулос и утистот Киријакос Тапакис). Сите четири албуми стекнаа одлична светска репутација и беа вклучени во многубројни „best-of” листи. Често е вмешана во разни мултимедијални проекти, а нејзината музика за видео, филм и документарци е присутна во програмата на многу фестивали, музеи, галерии и биеналиња низ целиот свет. Триото на Тања Џанули изведува возбудливи оригинални композиции со несекојдневни музички синтези, бришејќи ги границите помеѓу Истокот и Западот, современата музика, музиката на светот и џезот.

JAKOB BRO QUARTET
feat. Mark Turner, Jorge Rossy & Thomas Morgan
Jakob Bro - гитара
Mark Turner - саксофон
Jorge Rossy - тапани
Thomas Morgan – контрабас
www.jakobbro.com
Јакоб Бро е дански гитарист и композитор кој живее во Копенхаген. Тој во моментов го предводи квартетот со Марк Тарнер, Џои Барон и Томас Морган, квартетот со Пале Микелборг, Томас Морган и Хорхе Роси, како и триото со Џои Барон и Томас Морган. Во пролетта 2018 година го издаде високо оценетиот албум „Returnings” за ECM Records. Во октомври истата година излезе албумот „Bay Of Rainbows“, снимен со неговото трио во њујоршкиот клуб Jazz Standard. Бро, исто така, работи и со неговиот тентет, а соработува и со Томас Кнак (Opiate) и со Лари Гренадиер, Хорхе Роси и Арве Хенриксен. Јакоб Бро е поранешен член на Paul Motian & The Electric Bebop Band („Garden of Eden“, ECM - 2006) и на квинтетот на Томаж Станко („Dark Eyes“, EСМ - 2009). Има објавено 15 албуми како водач на бенд, со импресивна листа музичари како Ли Кониц, Бил Фризел, Пол Моушн, Кени Вилер, Пол Блеј, Крис Чик, Томас Морган, Бен Стрит, Марк Тарнер, Курт Розенвинкел, Крис Спид, Крег Таборн, Оскар Нориега и многу други. Настапувал во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, Австралија, Бразил, Аргентина, Колумбија, Јужна Африка, САД и безмалку насекаде во Европа. Успешната кариера на Јакоб Бро е резултат на неговата страст за истражување и откривање разновидни музички форми и се чини дека оваа страст ќе продолжи да го инспирира во создавањето на уште повеќе специјални проекти во догледна иднина.