SAO PAOLO UNDERGROUND
Rob Mazurek – труба, електроника, вокал
Guilherme Granado – клавијатури, самплери, вокал
Mauricio Takara – тапани, перкусии, кавакињо, електроника, cavaquinho
Одбележувајќи 20 години храбро музичко истражување, São Paulo Underground продолжува да ги редефинира можностите на електро-aкустичната композиција, спонтаното компонирање и звучната инвенција. Формиран во Сао Паоло во 2005 година од Роб Мазурек и Маурисио Такара, ансамблот дебитира подоцна истата година во Шпанија, а својата прва снимка ја објавува на бразилската издавачка куќа Submarine Records, означувајќи го почетокот на едно од најпрепознатливите креативни партнерства во современата музика.Со приклучувањето на Гилерме Гранадо, групата прераснува во уникатно трио чија музика ги обединува бразилските ритмички традиции, електронското експериментирање, импровизацијата и имензивните звучни светови во колективен музички јазик што постојано се развива. Во текот на изминатите две децении, São Paulo Underground настапувал на големи фестивали низ Европа, Америка и Азија, истовремено градејќи високо ценета дискографија која го етаблира ансамблот како еден од клучните гласови на современата креативна музика. Меѓу поновите проекти се и нарачаните аудиовизуелни дела за Jazzfest Berlin, со кои групата ја проширува својата уметничка практика надвор од концертната сцена, навлегувајќи во областа на подвижната слика и интердисциплинарниот перформанс. Влегувајќи во својата трета декада, São Paulo Underground останува посветен на откривањето на новото. Секој настап на ова трио е уникатен настан – патување низ непознати звучни предели.
VINCENT PEIRANI QUINTET Living Being
VINCENT PEIRANI - хармоника, accordina
ÉMILE PARISIEN – сопрано саксофон
YOANN SERRA - тапани
JULIEN HERNÉ - бас
TONY PAELEMAN - fender rhodes, пијано
Музичар кој целосно го обнови јазикот на хармониката, Винсент Пеирани започнал да изучува класична хармоника и кларинет, пред да го открие светот на џезот и слободната импровизација. На хармониката ѝ пристапува како на оркестарски инструмент, користејќи ги нејзините долготрајни тонови, динамиката налик на дишење, необичните хармонии и богатите звучни можности за создавање атмосферска, понекогаш речиси кинематографска музика. Иако често соработува со различни музичари, една од неговите најзначајни музички соработки е со саксофонистот Емил Паризиен, со кого настапува повеќе од една деценија, како дуо и во различни состави. Со повеќе албуми и проекти зад себе, најјасно духот на Пеирани како композитор доаѓа до израз во Living Being, квинтетот кој создава простор за колективно истражување. Проектот се потпира на џез, рок, современа композиција и различни музички традиции, но не припаѓа целосно на ниту една од нив. Најновото поглавје на квинтетот, „Living Being IV: Time Reflections“, продолжува да го истражува овој терен, обединувајќи оригинални композиции со нови интерпретации на материјал од толку различни автори и изведувачи како Portishead, Дејвид Боуви и The Beatles. Овој квинтет со препознатливи и силни индивидуални гласови ќе го затвори 45. Скопски џез фестивал.