info@karti.com.mk

ROBERTO OTTAVIANO ETERNAL LOVE / SYLVIE COURVOISIER / MARY HALVORSON DUO

октомври

20

600 мкд

20:00

Национална опера и балет

42. SKOPJE JAZZ FESTIVAL

ROBERTO OTTAVIANO ETERNAL LOVE / SYLVIE COURVOISIER / MARY HALVORSON DUO

ROBERTO OTTAVIANO ETERNAL LOVE

Roberto Ottaviano – саксофон

Marco Colonna – кларинет

Giorgio Pacorig – пијано

Giovanni Maier – контрабас

Zeno De Rossi – тапани

Саксофонистот Роберто Отавијано е активен на светската џез сцена околу триесет години. Настапувал и снимал со некои од најзначајните американски и европски музичари од различни генерации: Дизи Гилеспи, Арт Фармер, Чет Бејкер, Алберт Мангелсдорф, Кит Типет, Стив Сволоу, Кени Вилер, Анри Тексиер, Пол Блеј, Алдо Романо, Тони Оксли, Миша Менгелберг, Хан Бенинк, Трилок Гурту, Енрико Рава и многу други. Долго уметничко патување кое го доведе Отавијано во речиси невозможна мисија на помирување на неговите страсти и музички куриозитети, комбинирајќи ги со потрагата по звук и јазик што ќе ги обедини слободната импровизација, славната традиција на џезот и културните корени. Во последниве години, Роберто Отавијано повторно и заслужено ја презема водечката улога на италијанската џез сцена. Со својот нов проект, квинтетот Eternal Love, тој го става акцентот врз музиката како лек за душата и темел на колективните идентитети. Eternal Love е посветен на Африка, нејзината култура, нејзината музика и нејзините луѓе, во ера на миграции и расна нетрпеливост што опасно нè потсетува на Америка од 50-тите и 60-тите години, во времето на Роза Паркс и Мартин Лутер Кинг. Со избор од дела на Дон Чери, Абдула Ибрахим, Чарли Хејден, Џон Колтрејн, Дјуи Редман, Елтон Дин и сопствени композиции, Роберто Отавијано нè води на возбудливо патување што ги повикува слушателите да ги надминат нотите, во потрага по внатрешна содржина без која е тешко да се замислиш себеси за модел на новите (не само уметнички) генерации.

 

SYLVIE COURVOISIER/MARY HALVORSON DUO

Sylvie Courvoisier – пијано

Mary Halvorson – гитара

Силви Курвоазие и Мери Халворсон се прославени современи импровизаторки кои на апстракцијата ѝ пристапуваат од две различни перспективи: Курвоазие како пијанистка што го премостува фри џезот и европската класична музика и Халворсон како деконструктивна гитарска импровизаторка, силно поврзана со бруклинската авангардна џез сцена. Нивните индивидуални проекти се познати по разбивањето на добро увежбаните обрасци и користењето деконструктивни методи за извлекување од музичарите нешто што останало скриено од нив во нивното сопствено творештво. „Searching for the Disappeared Hour“ ја означува втората соработка на овие две уникатни музички појави. Нивниот прв заеднички потфат, албумот „Crop Circles“ (2017), беше снимен по само еден одржан концерт (во сега веќе непостоечкото њујоршко Cornelia Street Café) и претставуваше своевидна адаптација на постоечките композиции за дуо формат. Спротивно на тоа, музиката на „Searching for the Disappeared Hour“ (2021) е компонирана исклучиво за дуото, користејќи ги придобивките од нивната неверојатна хемија и блискост, создадени за време на турнеите низ Европа и САД. Музиката на Силви Курвоазие и Мери Халворсон има во себе нешто треперливо, понекогаш збунувачко, а на слушателите им задава возбудлива задача: да ги замислат заедно конструкцијата и негацијата како процес, да ги слушаат хармониите во нивната декомпозиција, да го разберат непознатото како утописка потрага по поинаков јазик, накратко: како една прекрасна авантура.