Ракометната Федерација на Македонија, со особена чест и задоволство го најавува мечот на деценијата, во чии рамки спортските сили ќе ги одмерат ракометните ветерани и актуелните репрезентативци на ревијален, пријателски натпревар, кој ќе се одигра на 3 јануари 2023 година со почеток во 19 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ и истиот ќе биде од хуманитарен карактер.
Овој несекојдневен спортски спектакл, има за цел да им оддаде почит на сите ракометари и ракометни работници кои оставиле свој личен придонес во колективниот учинок на ракометот како најпопуларен македонски спорт.
Приходите од продажбата на билетите, Ракометната федерација на Македонија ќе ги донира на „СОС Детско село“ од Скопје, која организација во моментов поддржува повеќе од 394 деца и млади кои се без родители и родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Повеќе од 20 години СОС Детско село функционира на принцип на донации, благодарение на кои се грижи за децата кои се под нивна надлежност.