ОД ЕВРИДИКА ДО „ЧИЈА СИ“ – 80 ГОДИНИ СЛАВЕ ДИМИТРОВ
Има песни што не припаѓаат само на времето во кое се создадени. Тие стануваат дел од нашето колективно сеќавање, од личните приказни, спомените и чувствата што низ годините ги споделуваме. Такво е музичкото наследство на Славе Димитров, автор чии песни оставија длабока трага во македонската музичка култура.
На 28 ноември, во Македонската филхармонија, со концертот „Од Евридика до Чија си“ ќе го одбележиме неговиот 80. роденден – вечер посветена на неговото творештво, песните што ги одбележаа генерациите и музиката што продолжува да живее.
Безвременските „Чија си“, „Делфина“, „Каде песно моја“ и многу други антологиски песни ќе добијат ново оркестарско руво во изведба на Националниот џез оркестар, заедно со гласовите на Калиопи, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Сашо Гигов-Гиш, Олгица Христовска, Елена Ристевска, Пере и Миа, Ѓоко Таневски, Александар Тарабунов, Дац и Александар, Маја Панчева, Барбара Поповиќ, Павле Камиловски, Стево и Сара Чепишевски, Ана Петановска, Билјана Гошева, Маја Саздановска, Ана Костадиновска, Мартија Станојковиќ и Лина Пејовска.
Особена чест ќе биде присуството на Славе Димитров, кому оваа вечер му е посветена. Преку неговите песни, ќе му оддадеме почит на авторот и на творештвото што остави неизбришлива трага, но и да ја споделиме радоста на музиката што нè поврзува.
Ве покануваме да бидете дел од ова одбележување и заедно да му посветиме една вечер на Славе Димитров и на песните што продолжуваат да бидат наши.
28 ноември | 20:00
Македонска филхармонија
Диригент: Џијан Емин
„ОД ЕВРИДИКА ДО ЧИЈА СИ“ – 80 ГОДИНИ СЛАВЕ ДИМИТРОВ