MATS GUSTAFSSON
Mats Gustafsson – саксофони (бас, баритон, тенор, алт и сопран), флејта, француски флагеол, кларинет
www.matsgus.com
Матс Густафсон е шведски саксофонист, импровизатор, композитор и херој на скандинавската фри-џез сцена. Неговите богати свиречки техники се подеднакво вкоренети во фри-џез традициите и во европската микротонална школа. Неговите стотици албуми - како лидер на бендови (Gush, Fire!, Fire Orchestra, Swedish Azz, The Thing), или неговите многубројни соработки - откриваат енциклопедиско познавање на џезот, блузот, авангардната класика, фолк, па дури и популарната музика, но и кураторска дарба за концепт, додека внимателниот сенс за особеностите на неговите музички партнери му донесе драгоцена репутација на исклучително баран и посакуван соработник. Има настапувано и снимано со неверојатно долга и шарена листа врвни музичари како Петер Броцман, Џо Мекфи, Дерек Бејли, Нене Чери, Еван Паркер, Џим О‘Рурк, The Ex и Томика Рид. Неговата соработка со Бери Гај и Пол Ловенс на албумот “Mouth Eating Trees and Related Activities” (1992) е општоприфатен како есенција на авант-џезот. Соло саксофон објавите на Густафсон „Mats G Plays Duke E” (2008) и „Bengt” (2012), ги откриваат основите на неговите познавања и интереси, додека „Cuts of Guilt, Cuts Deeper” (2015) со Трстон Мур, Merzbow и Балаж Панди ја експонира естетиката на импровизацијата со рок елементи, а „Timeless” (2018), пак, во дуо со вибрафонистот Џејсон Адашевиц, се фокусира врз интимата на проширените хармонии низ речиси мелодичен јазик. На покана на 40. Скопски џез фестивал, Матс Густафсон ќе изведе специјален соло концерт за јубилејот.

LINDA MAY HAN OH
Linda May Han Oh – акустичен и електричен контрабас
Fabian Almazan - пијано
Ben Wendel – саксофон
Eric Doob - тапани
www.lindamayhanoh.com
Линда Меј Хан О е реномирана басистка и композиторка од Њујорк која има настапувано и снимано со џез музичари како Пет Метини, Кени Барон, Џо Ловано, Дејв Даглас, Тери Лин Керингтон, Стив Вилсон, Џери Ален, Виџеј Ајер и други. Родена е во Малезија, а израсната во Перт, Австралија, кадешто го изучува контрабасот и соло транскрипциите на Дејв Холанд. Нејзините музички почетоци беа во Австралија, но вистинскиот подем го доживеа во Њујорк, каде што доаѓа во 2008 година и каде што дипломира на престижниот
Manhattan School of Music. Истата година, придружувана од трубачот Амброуз Акинмузире и тапанарот Обед Калвер, го издава својот дебитантски албум “Entry”. Во последниве неколку години Линда Меј Хан О стекнува извонредна репутација. Американската Асоцијација на џез-новинари во 2018 и 2019 ја прогласува за басист на годината, а во 2019 и за музичар на годината. Наградите и признанијата се мултиплицираат. Како лидер, таа има издадено пет албуми. Најновиот, “Aventurine”, со двоен квартет и вокална група, го покажува нејзиниот раскошен талент како композитор и аранжер. Линда е денес е член на квартетот на Пет Метини, добивајќи одлични критики за нејзиниот придонес на последниот албум на Метини “From this place”. Нејзиниот иновативен музички опсег и извонредните импровизации ја прават една од најдинамичните појави во џезот денес.