info@karti.com.mk

MARI KALKUN / ZARINA PRVASEVDA

јуни

08

600 мкд

20:00

Национална опера и балет

MARI KALKUN / ZARINA PRVASEVDA

MARI KALKUN 

Mari Kalkun - вокал, канел, пијано live-looping, перкусии


Музиката на Мари Калкун, иако ја пее на јазик што малкумина го разбираат, создава медитативна и интригантна атмосфера која предизвикува многу емоции. Нејзините слободни музички аранжмани во основа се детерминирани од звукот на канелот - традиционална естонска цитра. Така, она што останува во преден план е гласот на Калкун, кој е во исто време меланхоличен и радосен, нежен и спокоен. Мари признава дека за неа е клучно за кого и за што пее - многу од нејзините песни се посветени на блиски луѓе или на животни пресвртници како раѓање, смрт или свадба. Воедно, тие ја слават и чистата убавина на секојдневието, па оттаму таа често ги користи текстовите на локалните поети што го опишуваат руралниот живот, приказни и пејзажи. Овие приказни се испреплетуваат со современите, како во песната „Mõtsavele mäng“, која зборува за огромното значење на шумата во историјата на Естонија. Мари Калкун има настапувано во повеќето европски земји, во САД и Јапонија. Има објавено пет албуми и едно EP, од кои најпознат е нејзиниот соло албум „Ilmamõtsan„ (2018), кој „Гардијан“ во вброи во својата годишна листа од 10 најдобри world music албуми. Нејзиниот последен албум е музика за театарската претстава „Petserimaa igatsus“ (2022), којашто говори за тешката историја на Печори, регион поделен меѓу Русија и Естонија. Годинава таа ќе го издаде долгоочекуваниот нов соло албум „Stories of Stonia“. Албумот ги поврзува древните митови, руно песните и современата поезија напишана на еден од најстарите јазици во светот - Виру.

 

ZARINA PRVASEVDA

Зарина Првасевда - вокал

Филип Михајловски - канун

Андреа Мирческа - контрабас

Ратко Даутовски - перкусии

Драган Теодосиев - тапани

Филип Димишковски - клавијатури

Тони Арслан - виолина

www.facebook.com/zarinaprvasevda

 

На границата меѓу автентичноста и пренесувањето на културното наследство низ самоизразување, македонската уметница Зарина Првасевда го пронајде својот сопствен израз на нејзиниот долгоочекуван деби албум „Ехо“, издание што содржи единствен пристап - 11 традиционални песни на 4 различни јазици. Објавен од Croatia Records, албумот ја сумира уметничката визија на Зарина низ слободата и талкањето меѓу сите влијанија од фолклорното наследство што ја инспирирале. Додека нејзините вокални техники се темелат врз источно-европските традиции, инструменталната и ритмичката разновидност дише низ целата плоча. Ова ниво на зрелост не може да се означи само како музика на светот - благодарение на нејзината социјална чувствителност, нејзините длабоки врски со природата што ја опкружува и претходните соработки со сродни музичари и филмски работници од регионот, Зарина сè уште сака да ги собира и споделува приказните со кои се среќава. Таа учествуваше во борбата за прогласување на Шар Планина за национален парк, а патува од село до село за да се сретне со македонските баби и да ги истражува и снима нивните песни и приказни. Делата на Зарина веќе го дефинираат македонското наследство: таа однапред ја распродаде Македонската филхармонија за промотивниот концерт на нејзиниот деби албум, и има планови да ја пренесе својата музика до пошироката публика додека постојано работи на нови песни и нови приказни за раскажување.