info@karti.com.mk

LOVE & REVENGE (LEBANON) ROMPERAYO (COLOMBIA)

јуни

07

400 мкд

20:00

МКЦ

LOVE & REVENGE (LEBANON) ROMPERAYO (COLOMBIA)

OFFEST 2019

 

Love and Revenge е заеднички проект на либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза. Станува збор за музичка рефлексија на нивниот културен идентитет, со цел да им дадат втор живот на старите арапски популарни песни и филмови, прилагодувајќи ги на принципите на современата музичка продукција и модерната визуелна естетика. Материјалите за своите визуелни и аудио семплови ги наоѓаат во уметничките дела на таканаречената „златна ера“ на арапската култура, во арапската музика и филмовите од 40-тите и 50-тите години на минатиот век. Love And Revenge настапуваат во живо, пред платното врз кое во текот на концертот се прикажуваат романтични сцени од класичните арапски филмови, а бендот е составен од четири члена: покрај Бек и неговите електронски битови и Мирза со нејзините визуелни ефекти, тука се и Жулиен Перадо на клавијатури и виртуозот на електричен уд Мехди Хадаб. Нивниот перформанс претставува заводлива аудио-визуелна покана за патување во светот од другата страна на Медитеранот, зад завесата што води директно до Арапските ноќи и другите слични бајки за љубовта и одмаздата.

 

Romperayo звучат како брзодвижечко музичко патување низ колумбискиот тропски фолклор, палава и модерна интерпретација на психоделичните звуци на популарната кумбија и другите тропски ритми од 70-тите. Очекувајте фасцинантен музички огномет на електро-психоделична кумбија, кој не само што ги движи колковите и нозете, туку и го става вашиот ум во блажена состојба. Групата е дел од новата колумбиска музичка сцена, заедно со Meridian Brothers, Frente Cumbiero, Los Pirañas и други, коишто ги реинтерпертираат своите музички корени на еден фасцинантен начин, комбинирајќи ги традиционалните ритми и модерната електроника. Современа тропска музика со електронски ритуали, микс од двата брега на Колумбија, контаминирани со психоделија, семплери, сајзери и многу перкусии. Предводени од „капетанот“ на новата генерација колумбиски перкусионисти, тапанарот Педро Охеда (кој свири и во Los Pirañas, Palanca, CieloMama, Frente Cumbiero, Ondatrópica и Mucho Indio), Romperayo се активни од 2011 година. Имаат објавено, три албума, вклучувајќи го и новиот, одличниот „Que Jue?“ (2019). Во последните неколку години бендот бележи интензивни турнеи низ Европа, настапувајќи  на значајни музички фестивали како португалскиот Sines и данскиот Roskilde.