29.10.2025
„Контрола“ (Control) реж. Антон Корбајн
Почеток 19.00 часот
Филмот „Контрола“ на режисерот Антон Корбајн ја реконструира турбулентната и кратка животна приказна на Иан Кертис — фронтменот на култниот постпанк бенд Joy Division. Базиран врз автобиографијата „Допир од далечина“напишана од неговата сопруга, филмот нуди интимен, болен и поетичен поглед во внатрешниот свет на еден уметник кој се бори со славата, љубовта и сопствената ранливост.
Сместен во манчестерската индустриска реалност од доцните 1970-ти, филмот, преку црно-белата фотографија доловува атмосфера на урбана распаднатост, страв и осаменост — амбиент што подоцна ќе ја роди легендарната „Madchester“ сцена. Во центарот на приказната е Иан Кертис (Сем Рајли), млад фан на Дејвид Боуви и глам рокот, кој рано се жени со Деби (Саманта Мортон) и станува татко. Неговата судбина се менува по посетата на концерт на Sex Pistols, каде ги запознава идните членови на Joy Division.
Филмот го следи неговиот подем и внатрешен распад — од една страна тоа е портрет на човек кој на сцената зрачи со магнетизам и контрола, а зад неа се соочува со брачна криза и епилептични напади што длабоко го потресуваат.
„Контрола“ го оживува духот на еден музички феномен и трагедијата на човек кој не можел да избега од сопствените сенки и демони. Корбајн дава портрет кој му дозволува на гледачот сам да го почувствува тежиштето меѓу уметноста и самоуништувањето, создавајќи еден од најемотивните музички биографски филмови.