Со концертот на Давор Јордановски „Вода“ ќе се затвори овогодишното 42. издание на фестивалот „Скопско лето“.
Давор Јордановски – клавијатури
Алек Секуловски – тапани
Огнен Георгиевски – електричен бас
Оливер Јосифовски – контрабас
Сања Шуплевска – Виолина
Орце Зафировски – фагот
Александар Јовевски – Кавал, тамбура
Специјални Гости:
Љубојна
Васил Гарванлиев
Музиката на „Вода“ е вешто изработен спој на заводливи балкански мелодии, со џез, фанк, класични и рок стилови. Познатиот пијанист, композитор и продуцент, Давор Јордановски и неговата група, „Вода“, го нурнуваат слушателот во древни звучни предели, обмислени со модерен вкус. Покрај интелигентно распоредените ритмички варијации, музиката на „Вода“ се одликува и со разновидна, динамична и течна инструментација и звук. „Вода“ се храни од својата околина и зазема форма во контекстот на она што се изведува, отелотворувајќи, истовремено, спокој, чистота, промена, моќ и бес - исто како и самата вода.
Давор Јордановски отсекогаш знаел дека музиката му значи живот. Уште од неговите најрани сеќавања, таа му била единствен избор. За среќа, имал можност сериозно да се занимава со изучување на музиката, на Факултетот за музичка уметност, на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, во Скопје. Давор ги стекнал своите вештини работејќи со целосен симфониски оркестар од 150 луѓе. Уште како тинејџер, тој бил член на Биг Бенд оркестарот на Македонската Радио Телевизија. Пишувал музика, правел аранжмани, настапувал и свирел за едни од најголемите и најпознатите музичари во земјата. Давор истражувал сé: класична музика, па поп и џез, потоа продолжувајќи со филмска, mood, jazz fusion, амбиентална, dance, грув, симфониска, современ џез и R&B. Баш и затоа оригиналните композиции и аранжмани на Давор дишат со префинетост и моќ. Во нив, исто така често се забележуваат и елементи на итрина и хумор, кои го отсликуваат авторот.
Давор пораснал во Македонија, а живее во Канада. Како дете, тој има поминато и неколку години во Либија. Впечатоците од животот во таква култура останале во него во текот на неговото детство и студентските денови, во родниот град Скопје, каде што бил под влијание на балканска и европска музика. Оваа синтеза на музичките култури, Давор ја развил во еден уникатен стил на светска фузија, кој успешно соединува бесконечни варијанти на звуци, инструменти, аранжмани и сензибилитети.
Во 2000, Давор бил избран да ја претставува Македонија на Евровизија, во Стокхолм, Шведска, како аранжер на хитот „100% те љубам“ на македонските поп ѕвезди XXL. Истата година, се преселил во Торонто, каде ги основал BigBang Music Recording Studios и неговата издавачка куќа Davorius Productions. Воедно, тој е и ко-основач на MDScoring Publishing и MDR Music. Оттогаш, Давор има работено како композитор, аранжер и продуцент за Sony/BMG, Sound Ideas, Westar Music, Soundscape Productions, и BLE Publishing. Има пишувано музика за многу радио и ТВ емисии, за големи северно-американски станици, како CBC, MTV, TVO и OMNI TV. Покрај оригиналните композиции на Давор, кои вклучуваат современи аранжмани со музичари и инструменти од целиот свет, во соработка со Кети Хан, тој пишува музика и аранжмани и за други уметници.
Генерален спонзор: Град Скопје
Поддржувач: Министерство за култура