info@karti.com.mk

JASON MORAN SOLO / JOEL ROSS GOOD VIBES

октомври

21

800 мкд

20:00

Национална опера и балет

42. SKOPJE JAZZ FESTIVAL

JASON MORAN SOLO / JOEL ROSS GOOD VIBES

JASON MORAN SOLO

Jason Moran – пијано

Од неговото громогласно појавување на музичката сцена во доцните 90-ти (во квартетот на алт-саксофонистот и воедно ловец на врвни таленти, Грег Озби), џез-пијанистот Џејсон Моран докажа дека е многу повеќе од брилијантен изведувач. Неговата музика комбинира сиров, кинетички експресионизам и беспрекорен романтизам, преполни со идеи инспирирани од некои од најскриените одаи на џез-пијано пантеонот. Долгогодишната соработка на Моран со Blue Note Records резултираше со девет високо оценети албуми. Има настапувано и/или снимано со артисти како Вејн Шортер, Касандра Вилсон, Чарлс Лојд, Дејв Холанд, Дон Бајрон, Џо Ловано, Стив Колман, Ендрју Хил (дуо), Ури Кејн (дуо), Арчи Шеп (дуо), Сем Риверс, Ли Кониц, Пол Мотијан, Крис Потер, Кристијан Мекбрајд и многу, многу други. Добитник е на бројни награди и почести, вклучително и престижниот американски „грант за генијалци“ МекАртур во 2010 година. Моран објави серија исклучително квалитетни проекти, како од концептуален така и од звучен аспект, покажувајќи ја својата извонредна интелигенција, духовит пристап и истражувачки сензибилитет. Последното гостување на овој блескав уметник на Скопскиот џез фестивал беше во 2008 година, кога се претстави со своето оригинално трио Bandwagon (со басистот Тарус Матин и тапанарот Нашит Вејтс). На годинешното фестивалско издание имаме прилика да го доживееме соло и да уживаме во интимниот пијано перформанс на еден од најпровокативните мислители на модерниот џез.

JOEL ROSS GOOD VIBES

Joel Ross – вибрафон

Jeremy Corren – пијано

Kanoa Mendenhall - контрабас

Jeremy Dutton – тапани

Во текот на изминатите неколку години, Џоел Рос се истакна како еден од клучните ликови на новата генерација американски џез музичари, градејќи сè побројна и попосветена публика. Неговата страст за музика се јавува уште како дете во Чикаго, каде што првпат научил да свири на различни удирачки инструменти, пред да го прифати вибрафонот како свој конечен избор. На 20-годишна возраст, тој е веќе дел од бруклинската/њујоршката џез сцена. Има објавено три високо оценети албуми за легендарната Blue Note Records, а настапувал и/или снимал со великани како Херби Хенкок, Џошуа Редман, Питер Еванс, Винтон Марсалис, Кристијан Мекбрајд, Роб Мазурек, Џералд Клејтон, Амброуз Акинмусире, Имануел Вилкинс и Макаја Мекрејвен, меѓу другите. Рос не е познат само по своите технички вештини и виртуозност, туку и по модерниот пристап во креирањето микс од сопствени композиции и од дела на легендарните уметници како Бени Голсон, Орнет Колман и Телониус Монк. Тој често ги менува улогите на раскажувач, протагонист и спореден лик. Инспириран од емпатичниот, автентичен пристап кон артикулацијата на неговиот ментор Стефон Харис, Рос усвои цел етос заснован врз вистинска комуникација, сега и тука. Искреноста е константа во неговите сетови. И со секое ново издание, тој ја реафирмира посветеноста на автентичниот дискурс. Joel Ross Good Vibes е бенд што умее да ја освои и поведе публиката на едно истражувачко музичко патување.