Авторски концерт на Илија Пејовски
На наше големо задоволство Ви најавуваме дека ја започнуваме новата концертна сезона со концерт на ЗЏМ Биг Бенд Оркестарот на кој нашите членови премиерно ќе изведат авторски дела од џез великанот, професор, диригент, пијанист и композитор, Илија Пејовски. Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.
Илија Пејовски е една од најзначајните фигури во македонската џез музика. Во текот на својата плодна музичка кариера Пејовски бил дел од повеќе музички состави меѓу кои „Комбо,“ „Скопско џез – трио,“ „Диксиленд состав,“ Биг-Бенд при КУД „Мирче Ацев,“ Дувачки квинтет при Работничкиот дом во Скопје, Комбо состав при Домот на градежните работници во Скопје (раководен од Драган Ѓаконовски Шпато), ансамблот „АБЦД,“ Биг-бенд на Македонската радиотелевизија и други.
Најголем дел од својот работен век го минал во Македонската радио телевизија, подолг период како диригент, а во еден мандат и како главен и одговорен уредник на Музичката продукција на МРТ.Од повеќето настапи како диригент се издвојуваат настапите на Првиот џез - фестивал во Скопје, како и на двата авторски концерти - во 1998 година со Биг-бендот на МРТ, и во 2005 година со Македонската филхармонија.
Својот „официјален“ работен век Пејовски го завршува како професор на Факултетот за музичка уметност во Штип (2006-2013), каде што предава на Одделот за џез студии од основањето. Неговата педагошка активност датира многу порано, и од тој период, покрај неговата работа во Македонија, може да се истакне дека бил визитинг професор по џез хармонија во Сентгален Швајцарија и во Солун, Грција.
Пејовски е автор на повеќе од осумдесет оригинални композиции, како и на над 400 аранжмани за Биг-бенд и Симфониски оркестар, 4 играни и повеќе документарни филмови. Како аранжер, освен со македонските автори, соработува и со повеќе познати имиња од земјите на поранешна Југославија, како и со други истакнати имиња од целиот свет (Tad Jones, Graham Collier, Oleg Koken, Josef Mac Holm итн.).
Карактеристично за творечки опус на Пејовски е користењето на македонскиот музички фолклор. Притоа тој ги задржува основните белези на народните песни и ора, збогатувајќи ги со специфичниот хармонски јазик на џезот. Својот напор фолклорот да не ја загуби својата автентичност, тој го манифестира и преку употребата на народните инструменти.
Делата во кои не се користат народни инструменти релативно ретко се сретнуваат во неговиот опус (на пример, „Не си го продавај Кољо чифликот“). Резултатот од сево ова најчесто е задржување на есенцијалните карактеристики на фоклорниот идиом, погледнат низ призмата на сопствениот композициско-технички ракурс и сопствената „експресивна диоптрија.“ Зборувајќи за џезот и неговите суштински карактеристики, Пејовски ќе рече дека тој „не подразбира читање, туку раскажување, каде што особено доаѓа до израз индивидуалноста на раскажувачот, односно музичарот, па оттука џезот е повеќе музика на интерпретаторот, отколку на композиторот...“
Автор е и на особено значајната теориска книга „Хармонски основи на џезот“ која е преведена и на англиски јазик.
За своето творештво Илија Пејовски е добитник на многу стручни и општествени награди и признанија, во земјава и во странство. Покрај наградите „Панче Пешев“, „Трајко Прокопиев“ итн., едно од најголемите признанија ги доби во 2000 година кога на „Деновите на азиската музика“ што се одржаа во Јокохама, Јапонија, беше вброен меѓу 100-те модерни композитори на 20 век.
Концертот ќе се одржи на 12 јуни во Македонската Филхармонија, со почеток од 20:30 часот.
Слушајте македонска џез музика!
Со почит,
ЗЏМ