Концертот насловен како БАЛКАНСКО ВИНОЖИТО е музички колаж од авторски и традиционални балкански творби создадени и обработени со оригинален и посовремен етно и етно-џез призвук, низ призма на индивидуалното искуство и интерпретација на секој автор-инструменталист посебно.
На ова музичко патување ќе му дадеме посебен простор на инструментот кавал, којшто патем го среќаваме во поблиските балкански страни и кој по својата природа изобилува од палета на техники и звучен колорит. Несекојдневна можност е меѓу нас да го имаме светскиот докажан и врвен инструменталист на овој инструмент – Неделко Неделков од соседна Р.Бугарија. Солист во оркестарот на Бугарско Национално Радио, човек со богато и врвно музичко и педагошко искуство, многу дела зад себе исто така и многу награди.
Неговиот стил се одликува со брилијантна виртуозност, слободна и флексибилна импровизација во која прецизно со многу чувства и финесии внесува различни, понекогаш изклучително тешки манири на свирење, коишто ни создаваат чувство за пространство без стилови и жанрови ограничувања.
Останати гости и домашни уметници се:
Ивајло Димитров – (Р.Бугарија) и Душко Георгиевски – вокални солисти,Дамир Имери – пијано и клавијатури, Иван Бејков – бас, Ратко Даутовски -перкусии, Емил Адамски-зурла и гајда и Бајса Арифовска Димитрова – кавал, тамбура,кларинет,ут, виолина.
На програмата се дела и обработки од Н.Неделков,Д.Имери, Б.Арифовска.