info@karti.com.mk

ANDRZEJ JAGODZIŃSKI TRIO / NATIONAL JAZZ ORCHESTRA with SIGI FEIGL & LUIS BONILLA

Октомври

16

1000 мкд

20:00

Национална Опера и Балет, Скопје

ANDRZEJ JAGODZIŃSKI TRIO 

Еден од најдобрите полски пијанисти, композитор и аранжер, Анджеј Јагоѓински е роден во 1953 година. Тој дипломира во класата по француска хорна на Музичката Академија Фредерик Шопен во Варшава. Уште како студент свири во оркестарот на Полската радио телевизија, за подоцна целосно да им се посвети на пијаното и џезот. Следуваат соработки со најеминентните полски џез музичари од ‘80-те, како Збигњев Намисловски, Јануш Муњак, Томаш Шукалски, Јан „Пташин" Вроблевски и Јарек Шмјетана, и настапи низ целиот свет. Своето трио го формира во 1993 заедно со Адам Цегелски на контрабас и Чеслав Бартковски на тапани. Една година подоцна следува главниот пресврт во неговата кариера - изданието “Chopin”, уникатен албум со композиции на големиот Фредерик Шопен во џез аранжмани. Огромниот успех го отвора патот за “Chopin Once More” од 2000-та, албум со златен тираж. Соработката на Анджеј Јагоѓински со италијанскиот пијанист Џовани Мирабаси повторно го поставува Јагоѓински на светските сцени, а нивниот “Mirabassi & Andrzej Jagodziński Trio” е еден од најпродаваните албуми во Јапонија во 2003 година. Заради тоа, следниот проект “C-minor” од 2006-та, добива и јапонско издание. Анджеј Јагоѓински долги години предава на Џез одделот на Државниот музички комплекс во Варшава, а во 2005 во својата Полска го добива Gloria Artis орденот за заслуги во културата.

NATIONAL JAZZ ORCHESTRA with SIGI FEIGL & LUIS BONILLA

Уметничката зрелост, експресивноста и доследната посветеност на негувањето на џез традицијата за кратко време го вброија Националниот џез оркестар меѓу највлијателните биг-бендови на Балканот. Официјалниот статус како Национална институција го добива во 2024 година, но музичката традиција што стои зад него се темели на долгогодишна работа, започнувајќи со биг-бенд концертите во 2016 година. Под уметничкото водство на истакнати диригенти и композитори како Зиги Фајгл, Владимир Николов и Џијан Емин, оркестарот создава уникатен и современ звук и соработува со реномирани светски музичари како Курт Елинг, Марија Мендеш, Дони МекКаслин и Џон Рајли. На џез фестивалот оркестарот ќе настапи под водство на австрискиот диригент Зиги Фајгл, а гостин солист ќе биде Луис Бониља. Фајгл важи за еден од најистакнатите фигури во европскиот џез и пионер во развојот на биг-бенд музиката и џез образованието. Соработувал со великани како Арт Фармер, Боб Брукмаер и Тутс Тилманс и е професор и раководител на Џез академијата во Грац. Во Грац живее и работи и Луис Бониља, меѓународно признатиот американски тромбонист со  богата и долга музичка кариера. Како ученик и соработник на Лестер Боуви, тој настапувал во неговата легендарна група Brass Fantasy.