AFTER THE WILDFIRE QUARTET
"After the Wildfire" е дело што е нарачано специјално за Скопскиот џез фестивал. Светската премиерата се случи во 2023-та, како концерт со оригинални композиции и изведби на Арве Хенриксен и Јан Банг и со Емин Џијан како оркестратор и диригент на Фејмс Институт оркестарот. Во настапот учество зедоа и повеќе македонски солисти. Критиката оцени дека "After the wildfire" покажува уметничка издржаност и мајсторство кое не е брзоплето составено, туку внимателно промислено. Беше истакната извонредна умешност и емотивна длабочина на музичарите, притоа создавајќи богата текстура и звучен пејсаж, којшто ги задржа слушателите фасцинирани, од почеток, до крај. Со издавањето на албумот "After the Wildfire" за Jazzland (Punkt editions) Банг и Хенриксен се враќаат во Скопје и ќе настапат како квартет со гитаристот Еивинд Арсет и перкусионистот Ингар Зак. Јанг Банг е меѓународно признат композитор и е еден од најуспешните продуценти од Норвешка. Уметнички директор е на прочуениот фестивал Punkt. Тој е водечка фигура во развојот на таканаречениот live sampling и со големо искуство во многу проекти, често интердисциплинарни. Арве Хенриксен е исклучително влијателен трубач и композитор со бројни соработки со истакнати музичари. Во неговата дискографија има преку 180 албуми. Ејвинд Ерсет е еден од најпознтите и најпродуктивни норвешки гитаристи.
GORAN KAJFEŠ TROPIQUES
Со проектот Tropiques, Горан Кајфеш во 2011-та состави група која на музиката ќе ѝ пристапи минималистички, темелејќи ја на базичен грув, трпеливо и бавно развивање на формите, мелодиска импровизација и мантрични мотиви кои се протегаат низ електро-акустични текстури. Ова е музика која често се нарекува „хипно-џез“. Квартетот Tropiques го сочинуваат Горан Кајфеш, Александар Зетсон, Јохан Берлинг и Јохан Холмегард, сите со своја клучна улога на креативната музичка сцена на Шведска. Ова се исклучителни уметници коишто што биле дел од состави како Dungen, Ghosted, Fire!, Supersonic Orchestra, Oddjob, Subtropic Arkestra и други. По нивното деби "Enso" и продолжението "The Wild", минатата година излезе албумот "Tell Us", за финската дискографска куќа We jazz. Веќе оценет како ремек-дело, со три долги композиции, ова е издание со „бавна музика“ во својата суштина. “Tell Us“ е прекрасна трилогија, истовремено нежна и снажна, со постојана филмска широчина. Ова се теми кои досегнуваат нови височини со дополнување на квартетот со гудачки инструменти. Во гудачката секција во Скопје ќе се вклучат и двајца македонски музичари, Јане Бакевски и Климент Тодороски..