Toni Kitanovski, PANDA 5, TONI & FRIENDS
Организатор на настанот: Skopje Jazz festival
Тони Китановски е тешко да се опише во неколку реда. Ова се должи на неговиот крајно разновиден и значаен музички опус. Има свирено на турнеи со своите џез и world music проекти, снимил и продуцирал голем број албуми, пишувал музика за играни и документарни филмови, современ танц, симфониски и големи џез-оркестри. Соработува со хип-хоп диџеи, музичари од Конго, ромски оркестри... Себеси се смета за композитор кој свири гитара, а неговата прва љубов отсекогаш била џезот. Драган Ѓаконовски-Шпато е неговиот прв и највлијателен ментор. Токму во неговиот дом Тони првпат слуша една стара снимка од гитаристот Барни Кесел. Оттогаш, па сè до денес, тој чувствува дека за него не постои друг избор освен да биде музичар. Во деведесеттите живеел и студирал во Бостон, на музичкиот колеџ Беркли. Бидејќи карактерот не му дозволува некој да му сугерира како да ја свири гитарата, тој ја одбира композицијата, со цел да го унапреди своето музицирање. Враќањето дома, десет години подоцна, беше придружено со серија албуми за SJF Records и ENJA/Yellowbird Records од Минхен. “Big City Scare” е најновото музичко остварување на Китановски. Се работи за квинтет наречен Panda 5, во кој членуваат најдобрите млади македонски џез инструменталисти. Во втората половина на концертот ќе настапат голем број музички пријатели на Тони. Можеби ќе има потреба да ги облечете вашите чевли за танцување!