Уму Сангаре. Суперѕвездата од Мали. Најголемата африканска пејачка и добитник на наградата Греми. Амбасадор на добра волја на Обединетите нации, добитник на Интернационалната музичка награда на УНЕСКО и “Artist Award winner” на WOMEX 2017. Пејачка, композитор и посветен активист за правата на жените во родната Мали и низ цела Африка. Родена е во Бамако, Мали, започнувајќи ја својата музичка кариера на рана возраст пеејќи традиционални песни. Таа го сними својот спектакуларен прв албум “Moussolou” на дваесет-годишна возраст. Гласот на Сангаре е радост за душата, возвишен со високите ноти и богатата рапавост. Нејзиниот придонес кон развојот и збогатувањето на музиката, интернационалната музичка соработка и каузата за мир и разбирање помеѓу сите раси и народи е огромен. Стилот на пеење на Сангаре е Васулу, и затоа е позната како „песнопојната птица на Васулу”. Популарен музички жанр произлезен од народните традиции во руралниот југозападен дел од Мали. Токму тој стил ѝ донесе меѓународен успех и со него продолжува да ја доближува Васулу културата и традицијата до светската публика. Последниот албум “Mogoya”, од многумина прогласен за албум на 2017 година, претставува ново, возбудливо поглавје во нејзината кариера.