info@karti.com.mk

CRAIG TABORN (USA) GREGORY PORTER (USA)

Октомври

17

1500 - 1800 ден

20:45 часот

МОБ

Скопје, Македонија

Назначен од списанието „Down Beat“ како „еден од визионерите на новиот музички бран“, композиторот и пијанист Крег Тејборн нуди нова перспектива во создавањето џез-музика. Неговата професионална работа започнува во деведесеттите години на минатиот век, кога работи во различни музички контексти. Како студент во Мичиген, Тејборн има среќа да биде дел од славната џез-заедница на Детроит, свирејќи и учејќи од Маркус Белгрејв и од Родни Витакер. Пред завршувањето на универзитетот, Тејборн веќе зад себе има три снимки како член на квартетот на Џејмс Картер. Во следните години продолжува да настапува со многубројни музичари и лидери на бендови (Тим Берн, Крис Потер, Дејв Даглас, Дејв Холанд, Роско Мичел), истовремено градејќи репутација на соло-пијанист. Неговите импровизации, особено за соло-пијано, често донесуваат модуларен пристап во кој Тејборн започнува со мали единици на мелодијата и на ритамот, притоа развивајќи ги во поголеми форми и структури. Соло-албумот „Avenging Angel“ („ECM“, 2011) добива извонредни критики. Второто издание за „ECM“, „Chants“ (со неговото трио), на Тејборн му обезбедува прво место на листата на „New York Times“ на најдобрите десет албуми за 2013 година. Таа година „Jazz Times“ го прогласува за пијанист на годината, а во 2014 и Асоцијацијата на џез-новинари му ја доделува наградата најдобар пијанист.

 

Американскиот џез-пејач и композитор Грегори Портер е роден во Лос Анџелес, детството го поминува во Бејкерсфилд, а денес живее во Бруклин. Надарен со огромна вокална моќ, надополнета со богат колорит и со совршена контрола, неговите интерпретации се движат меѓу џезот, соулот и госпелот. Со глас што истовремено милува и конфронтира, прегрнува и охрабрува, Грегори Портер покажува неверојатен степен на вокално мајсторство. Во своето детство, Портер е заведен од магијата на Нет Кинг Кол, чии плочи биле дел од колекцијата на неговата мајка. Започнува да настапува во локалните џез-клубови, каде што го среќава Камау Кениата, кој станува негов ментор и го запознава со флејтистот Хуберт Лоуз. Лоуз го ангажира да испее една нумера на неговиот албум посветен на Нет Кинг Кол. Сестрата на Лоуз, Елоиз, импресионирана од Портер, му помага да добие една од главните улоги во мјузиклот „It Ain’t Nothing but the Blues” на Бродвеј. Вратите за Портер ширум се отвораат. Деби-албумот на Портер, „Waters“, е објавен во 2010 година (со номинација за „Греми“), а по него следува уште едно извонредно остварување, „Be good“. Во 2013 година Портер потпишува договор со „Blue Note“ и го издава новиот албум „Liquid Spirit“, кој ја освојува наградата „Греми“ за најдобар вокален џез-албум. „Liquid Spirit“ доживува голем комерцијален успех, ретко забележан во историјата на џезот, правејќи го Портер мега-звезда и најдобриот и најбараниот џез-пејач денес во светот.